Гастроманија: „Винодонија 2016“ – Да зборуваме и да наздравуваме за виното

Гастроманија: „Винодонија 2016“ – Да зборуваме и да наздравуваме за виното

Во хотелот „Мериот“ на 11 и 12 ноември ќе се одржи првиот Скопски вински салон

valentina
Валентина Тодоровска

Без оглед на тоа дали размислувате како Хемингвеј, па виното го сметате за најцивилизирана работа на светот, ќе признаете дека оваа дефинитивно божја напивка, во сите периоди од човековата историја негува извесен степен на култ. Да не се познава вкусот на виното е исто како да не се гледаат боите, во виното е вистината, со него се лекува срцето, се ројат мислите…

Виното се поврзува со убавини и на настаните им дава свечена нота. Умереното консумирање значи рецепт за долговечност – една чаша дневно го продолжува животот и навистина е долг списокот за неговата корисност, поради што виното се смета за голем човеков пријател.

Патем, виното и жените се најопеаните работи на светот, а Шарл Бодлер тоа го демонстрирал вака: „… длабоките радости од вино, кој ли не ве вкуси? Кој имал грижа на совест да смири, да измами некој спомен, болката да ја потопи, кули во воздух да изгради – огромни се тие вински магии, облеани со внатрешно сонце…“

Ние живееме во земјата на сонцето и виното, а статистиката вели дека кај нас годишно се пие околу 40, 41 литри по жител, што не’ сместува на висока деветта позиција (од вкупно 225 земји). Состојбите во винската индустрија постојано се менуваат, но секогаш предничи доброто произведено вино кое ни е дел од долгата традиција и историја.

Истражувањето на калифорнискиот институт „The Wine“ забележа дека најмногу вино се пие во Ватикан. Сеедно дали е тоа поради навиките на тамошното свештенство и нивните гости или бројката од 55 литри (по жител) е поради црковните обреди, „Исусова крв“ никако да секне…

Токму во контекстот поврзан со виното, ни престои отворањето на првиот Скопски вински салон – „Винодонија 2016“, што ќе се случува на 11 и 12 ноември во хотелот „Мериот“. Настан посветен на виното, винарниците, винската индустрија и љубителите на вино е интернационален и со изложувачки карактер.

Манифестација во своите редови ќе има повеќе од 30 винарници од земјава, Балканот и Европа, а сите се со иста цел – да ги презентираат своите вина, а програмата вклучува дегустации на вината од Македонија, Хрватска, Србија, Италија, Франција, дегустации на шампањ, „спарувања“ на вина и чоколади, прeдавања, промовирање на винскиот туризам…

На овие простори производството на вино драстично се зголеми последниве петнаесетина години, што упатува на оптимистички податок дека за развој, напредок и промоција на една земја добар, одличен промотор е токму виното.

Како што вели Звонко Херцег, директор на „Винодонија 2016“ и сертифициран вински експерт, организирањето ваков настан има за цел и да ја подобри винската култура во контекст на традицијата и културата, со што ќе се поттикне одговорното консумирање на висококвалитетни вина.

„Винскиот салон има концепт главната улога да му ја додели на виното: да го дегустираме и да уживаме во него, а интенцијата е посетителите да пробаат што повеќе различни видови“.

Организаторот на винскиот салон е група на македонски вински критичари, судии и ентузијасти, сите под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија – БРИКС.

Следните петок и сабота се вистинска шанса за сите оние што го сакаат виното да станат поотворени за нови вински стилови и сознанија.

Протоколот на дегустација

Дегустација на виното е составена од три дела – визуелен аспект, мирис и вкус. Бојата на виното открива дали е младо или подолго зреено, има ли процес на оксидација или некоја техничка неисправност… Откако виното се промешува во чашата (со навлегувањето на кислород се интензивираат мирисите), се одредуваат интензитетот и аромите (овошни, цветни, зачински, вегетативни). Потоа се вкусуваат неколку голтки и се промешуваат низ устата… По неколку секунди виното поминува низ горното, долното непце и јазикот и тука завршува приказната поврзана со хармонијата, телото на виното, екстрактивноста, интензитетот на вкусовите и танините, киселините, овошните ароми и алкохолот.

Утрински Весник

Leave a Reply

Your email address will not be published.