На Винодонија ќе биде раскажана винската приказна на Македонија

Целта на Винскиот салон е да се подигне винската култура и да се промовираат и развијат одредени вински региони. Ваков тип на настани директно придонесуваат за поголема промоција на Македонија како винска земја

vinodonia

Љубителите на доброто вино, винските ентузијасти и трговците со вино ќе се соберат на првиот Скопски вински салон – Винодонија 2016 кој ќе се одржи на 11 и 12 ноември. Настанот го организираат група вински консултанти, судии и ентузијасти, под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија.

Винскиот салон е интернационален настан со изложувачки карактер кој ќе се одржува секоја година со намера да се зголеми бројот на винарници, вински авторитети и нивото на винска култура во Македонија. На настанот повеќе од 30 винарниците од земјава, од Балканот и од Европа ќе ги презентираат своите вина.

– Целта на овој Вински салон е да се подигне винската култура и да се промовираат и развијат одредени вински региони. Во склоп на овој настан ќе се одржат преку 10 работилници за дегустација на вина, спарување на вино и храна, вински маркетинг и можност за зголемување на продажбата на вино, вели Звонко Херцег, еден од организаторите на Винскиот салон.

Ваков тип на настани директно придонесуваат за поголема промоција на Македонија како винска земја. Покрај тоа што во Македонија има повеќе манифестации за виното сите имаат различен пристап и различна целна група. Овој настан се разликува од другите по тоа што покрај дегустација на вино вклучува и информации од едукативен карактер за самите производители. Голем дел од винарниците ќе бидат претставени од своите енолози, а ќе бидат присутни и сопствениците на винарниците.

– Се надеваме дека со овој настан не само што ќе придонесеме за подигање на винската култура, туку и за популарноста на македонското вино и за најновите трендови во винската индустрија, вели организаторот Александар Вучковски, кој додава дека странските винарници тешко се одлучуваат да дојдат во Македонија која е позната како винска земја од причина што сметаат дека имаат голема конкуренција и винарниците кои се светски познати.

На Винодонија ќе бидат присутни 9 странски винарниците од Србија, Словенија, Црна Гора, Бугарија и Италија кои ќе претстават различни вински стилови и нови автохтони сорти на вино. Бенефитот од странските винарници е во тоа што кога тие ќе се вратат назад ќе ја рашират приказната за Македонија.

Пограмата на Винодонија е од едукативен карактер за луѓето од винската индустрија. Едукација на угостителско-туристичкиот персонал за виното и неговата магија е една од суштинските цели на Здружението на сомелиери на Македонија, која подоцна тие би ја пренеле на своите гости, а е со цел за попрофесионално и попрофитно работење, .

(А.С.)

Leave a Reply

Your email address will not be published.