Звонко Херцег: Винскиот салон е место каде вината ги раскажуваат своите приказни

Звонко Херцег е WSET сертифициран вински експерт кој својата стручност ја има стекнато низ познатите вински региони на „Стариот Свет“. Во лежерниот амбиент на хотелот Мериот, со чаша вино, во улога на директор на првиот Скопски Вински Салон – Винодонија 2016 разговараме во пресрет на настанот.

vino-vo-drustvo-fino-zvonko-herceg

Зошто толку долго се чекаше во земјата на виното да се случи Вински салон?

Звонко Херцег: Не случајно велат, се во свое време. За да се случат одредени работи потребни се желба и она што е повеќе важно одредени предуслови. Имено  во поширокиот регион, кога го велам тоа мислам на земјите од Балканот, Македонија со декади ја препознаваа како вински регион со одлични климатски и почвени услови од каде може да се експлоатира врвно винско грозје како и квалитетно наливно вино кое делумно сеуште се користи како  суплемент во многу визби надвор од Македонија. Многу често можете да сретнете по нашите лозја непосредно пред гроздоберот трговци со винско грозје од Хрватска, Србија, Црна Гора…

Во 1980 година нашиот регион го достигна својот врв во производство на наливно вино и бележеше две третини од вкупното производство на вино во Екс-Ју, кој беше десеткратно поголем пазар од овој денешниот. Таквите трендови резултираа со тоа што Македонија ја препознаваа како земја на наливно вино, и тука нема ништо лошо во тоа, многу светски вински региони како што се Шпанија, Италија, Чиле, Австралија…  и ден денес  се огромни извозници на наливно вино, меѓутоа во контекст на настанот кој сега се организира едноставно не беа створени услови за професионална презентација на она што ние во светот на виното го нарекуваме како „фини вина“. Едноставно ни недостасуваа винарии и фини вина, вклучувајќи ги и конзументите кои можат да ги препознаат тие вина.

ton_0798

Кои се иницијатори и организатори за негово одржување?

Звонко Херцег: Мислам дека организирање на ваков настан е желба на секој вински ентузијаст. Со оглед дека ова е тимска работа, за да дојдеме до тоа претходеше здружување на неколку истакнати вински ентузијасти. Целта на здружувањето е да допринесеме кон подобрување на винската култура како и промвоирање на македонските вина. Во насока на нашите цели се створија услови  за организирање ваков тип на настани. За независно тело преку кое ќе се организира настанот го одбравме како најрелевантно Здружението на Сомелиери на Македонија.

Со каква цел ќе се одржи Винскиот салон?

Звонко Херцег: Како што веќе спомнав, нашата цел е да ја подобриме винската култура во контекст на нашата традиција и култура, како и да го поттикнеме одговорното конзумирање на високо квалитетни вина.

ton_0803

По што се разликува винскиот салон од останатите фестивали и настани во чест на виното?

Звонко Херцег: Би сакал веднаш да бидам јасен, сите тие фестивали и настани во чест на виното треба да постојат, можам да кажам дека  треба да ги има и повеќе. Недвојбено тие се дел од нашата традиција, луѓето се забавувале, се забавуваат, и ќе се забавуваат и дружат, иако виното на тие настани ја игра споредната улога, затоа и се обележани како настани во „чест на виното“.

Винскиот салон е сосема друг концепт, главната улога ја игра виното, тука не го пиеме едноставно виното и уживаме во настапот на некоја музичка ѕвезда, туку виното го дегустираме и уживаме во него. Интенцијата е посетителите да пробаат колку што е можно повеќе различни вина.

Знаете, виното е старо колку што е и човечкото битие, низ векови еволуирале и се препретувале меѓусебно, се ширеле со колонизирање, трговија, религија… Виното како и човекот во својот код носи приказна која се пренесува низ години или береби преку страста и вештините на неговите креатори. Винскиот салон е место каде вината ги раскажуваат своите приказни, а нашата улога е да ги донесеме посетителите до портите на тој вински свет и преку едукативни предавања и работилници да им помогнеме во хедонистичкиот момент.

ton_0784

Кој се ќе може да присуствува, каде ќе се одржува и од кога до кога ќе се случува?

Звонко Херцег: Портите во хотел Мериот на овој настан ќе бидат отворени на 11ти и 12ти Ноември за сите добронамерни посетители, од љубопитни до страсни вљубеници во виното како и професионалци.

Повеќе информации можете да најдете на нашата интернет страница vinodonia.mk

Колку винарии се пријавени до сега кои ќе земат учество и дали има и од странство или само домашни?

Звонко Херцег: Како за прв ваков настан, одзивот е и повеќе од солиден. До сега пријавија учество над 20 винарии, претежно домашни, но има и неколку странски. Со оглед дека повеќе винарии покажаа интерес очекуваме пријави од отприлика уште десетина странски и домашни помали винарии.

ton_0812

Од какво значење е за винската култура овој настан и на нашата земја?

Звонко Херцег: Овој настан е само плочка во мозаикот наречен винска култура, но тука нашата мисија не завршува. Во план се неколку проекти, кој не би ги коментирал во моментов, само ќе кажам дека се тесно поврзани со виното и регионот. Самите проекти представуваат алки во синџирот на вредности.

Што се однесува за нашата земја, сметам дека овој настан е прилично значаен, затоа што овозможува простор за посета на домашни и видни странски вински критичари, кои пак се клучни во презентирање на нашата земја како вински регион.

ton_0818

Можеме ли да очекуваме дека настанот ќе премине во традиција како што е традиција во Макеоднија да се подготвува вино во овој периот од годината?

Звонко Херцег: Да се работи на издигање на винска култура, афирмирање на вина и вински региони, суб-региони, микро локациите, тероари, е комплексна и макотрпна работа за која се изработуваат долгорочни проекти и се разгледува фактичката состојба на пазарот до последен детал. Со оглед на тоа, повторувам, ние со овој настан само го надополнуваме мозаикот наречен винска култура и секако дека е планиран да прерасне во традиционален.

Каде можат да се набават билетите?

Звонко Херцег: Влезниците ќе можат да се купат на денот на настанот во хотелот Мериот како и во продажната мрежа на mktickets, online продажбата е веќе отпочната на www.mktickets.mk/vinodonia-2016 .

ton_0841

ton_0830

Leave a Reply

Your email address will not be published.